контакт    каде се наоѓаме   за нас

На почеток
Курсеви
Уписи
Стипендии
Екскурзии
Курсеви во Италија
Меѓународен испит - CILS
Тестирај се

Што кажаа стипендистите на Аузонија за Santa Margherita

Има искуства во животот кои што не можат да се раскажат, но мора да се почувствуваат. Постојат места во светот кои што не можеш да ги посетиш секој ден, кои ти даваат спокој во душата и срцето ти го исполнуваат.

Нашиот престој во Санта Маргерита Лигуре, Летни интернационални курсеви август/септември 2007 год., ни беше овозможен преку стипендијата што ни ја додели “Аузонија” единственото приватно училиште што соработува со Универзитетот од Џенова.

Пет недели забава, нови пријателства, нова љубов можеби, искуство во животот кое што не може со ништо да се купи. Патувањата, плажата, нуркањето, сонцето, виното, “ла паста”. Пет недели граматика, историја на уметноста, политика, традиции од регионот Лигурија, пишување состави, филмови, предавања, доцнења, фудбал и возови...



Возраста не беше важна. Имавме од 18 до 80 години, но сите бевме исти...

Џенова, Милано, Торино, Фиренца, Рим и Чинкве терре, музеите во Фиренца,и аквариумот во Џенова, операта во Милано, театарот во Торино, плоштадите во Рим, прекрасното море и биновите лизи на Чинкве терре...

НЕЗАБОРАВНО !
Да се учи и да се зборува, да се смее и да се плаче, да се слуша музика, да се танцува и да се игра... и никогаш да се застане !

Остануваат спомените за цел живот. Секојпат кога ќе се сетам на Санта, ми навираат солзи во моите очи.

Се’ ново на почетокот, но потоа – збогум, довидување – ветување кое никогаш не се заборава, дека ќе се слушнеме и видиме барем уште еднаш.

Фросина Митевска, 28 години, стипендист од “Аузонија” (октомври 2007)


Духот на Санта Маргерита Лигуре

„После повеќе месеци поминати во исчекување на ова патување во Италија, конечно се оствари!„ – си помислив додека гледав низ прозорчето од возот Еуро Стар кој возеше од Милано до Џенова Принчипе.
Се симнуваш од возот и првото нешто што го слушаш на железничката станица е: „Внимание, возот е во минување на вториот перон, оддалечете се од жолтата линија.„ Луѓе, сообраќај, хаос, сеќ е во брзање, убаво облечени Италијанци, многу странци кои трчаат барајќи да посетат некој познат споменик со картата на градот во рака. Оваа слика од италијанските градови ми се врти секогаш во глава. Но, на крајот од Лигурија има едно затскриено место кое е навистина прекрасно. Повторно си го пронајдов спокојот во ова место кое се вика Санта Маргерита Лигуре. Кралицата на цела Лигурија.
Земи еден длабок здив и започни да ја живееш твојата фантазија. Дрвја, плажи, воздух исполнет со мирис на море, убавина и природа. Се чувствувам среќна што сум тука.



Искачувајќи ги скалите што водат до црквата Сан Џакомо ќе ја почувствуваш магијата на вилата која се наоѓа таму. Вила Дурацо – сонот на сите студенти кои сакаат да бидат во центарот на светот. Ја вртам главата и ги гледам збунетите, но пријателски лица на сите странски студенти. Професорите се секогаш на располагање и се секогаш подготвени да ни го објаснат сето она што ние го прашуваме со големо љубопитство.
Ги отвораш очите и надвор од прозорецот од големата училница гледаш една уметничка слика насликана со сина и зелена боја помешани со други бои на природата.

Деновите во Иституто Сан Џорџо ги поминувавме разменувајќи разни искуства, традиции, смеејќи се и зборувајќи на многу јазици. Учевме, патувавме, се забавувавме, муабетевме и на крајот од курсот многу плачевме. Велам плачевме затоа што за нас беше вистинска тага да се разделиме после пет недели заедно.
Санта Маргерита Лигуре е навистина волшебно место. Сите нејзини убавини се како поезија. Всушност, не може да се објасни, треба да се биде таму и да се почувстува. Без многу зборови можам да кажам дека Санта Маргерита е како сончев зрак кој те буди наутро за време на курсот. Ако успееш да дојдеш таму никогаш нема да посакаш да си одиш.

И се заблагодарувам на мојата драга професорка од Аузонија што ми ја даде оваа можност да го живеам тој сон на јаве. Сега се плашам повторно да одам во Санта Маргерите зошто нема да посакам никогаш да си одам оттаму.
Многу ги поздравувам сите пријатели што ги запознав во Италија, ги сакам и многу ми недостасуваат.

Маја Грнчароска, 18 години, стипендист (2007 г.)





Мирно залулкана во прекрасните води на т.н.
Golfo del Tigullio во регионот Лигурија, помеѓу Портофино и Рапало, спокојно ги распостила своите раскошни убавини, незаборавната Санта Маргерита Лигуре.
Оваа убавица пленува на прв поглед – надарена со вонвременски природни убавини и разгалена со љубовта и грижата на нејзините жители.
Беше задоволство да се поминат пет недели исполнети со изучување на италијанскиот јазик и дружење со незаборавни личности од целиот свет. Секој ден различен, секој ден поубав и поинтересен од претходниот....
Во грандиозниот комплекс Вила Дурацо (каде е сместен универзитетот) беше неизмерно задоволство да се слушаат предавањата за неприкосновената италијанска култура и цивилизација, предадени од врвни професори, комплетно и страстно предадени на својата материја (италијанска уметност, социологија, филм, театар, музика, политика, литература ...). Професори секогаш достапни за своите студенти и секогаш подготвени да бидат незаменлив дел од студентските забави.



Приказна со посебна заносност и магија е и престојот во студентскиот дом Сан Џорџо – толку многу луѓе од сите возрасти и од сите страни на светот на едно место, и сите во обид што подобро да ја претстават својата култура и уште подобро да се запознаат со другите култури, особено со италијанската. Незамисливо прекрасни заеднички деноноќја поминати во учење, патување до околните места, лудории на прекрасните плажи, бесконечно длабоки разговори, раѓање на нови, прекрасни другарства, а не помалку и нови љубови...

Она што го понесов со себе како непроценлив подарок од овој петнеделен курс во Санта Маргерита Лигуре е незаборавното искуство кое долго останува врежано во сеќавањата – допирот со прекрасната и гостопримлива Италија, секогаш љубезните италијанци, запознавањето со грандиозната убавина, историја и традиција на земјата на пастата и канцоните, и секако, фактот дека сега се гордеам со начинот на кој го изучив и го совладав италијанскиот јазик, преку стипендијата што ми ја додели училиштето „Аузонија„.

 



 
Copyright © 2007 www.auzonija.com.mk